Новата сезона во Евролигата започнува денеска со огромни очекувања, а 2026/27 носи една од најинтересните слики во историјата на натпреварувањето.
Дваесет екипи ќе се борат за европскиот трон, со голем број звучни трансфери, повратници од НБА и тренерски промени кои дополнително го подигнаа квалитетот на лигата.
Еден од главните белези на новата сезона е зголеменото присуство на играчи со НБА искуство. Во Евролигата оваа сезона ќе настапат рекордни 133 кошаркари со искуство во НБА, што е повеќе од 122-та од минатата сезона. Реал Мадрид и Дубаи предводат со по 11 играчи кои претходно играле во најсилната лига во светот.
Меѓу најзвучните имиња е Јонас Валанчиунас, кој по 14 сезони во НБА се враќа во Европа и ќе го носи дресот на Жалгирис. Огромно внимание привлече и доаѓањето на Гершон Јабуселе во Панатинаикос, додека Дарио Шариќ ќе биде дел од Анадолу Ефес.
Особено интересен е и Олимпијакос, актуелниот европски шампион, кој го доведе Жан Монтеро од Валенсија. Доминиканскиот бек минатата сезона беше едно од најголемите откритија во Евролигата, освојувајќи ги наградите за „Ѕвезда во подем“ и МВП на плејофот.
Големи промени има и кај Фенербахче, кој повторно гради тим способен за највисоки дострели. Во Истанбул пристигнаа звучни имиња како Шејн Ларкин, Вил Клајбурн и Шевон Шилдс, додека Панатинаикос се засили со Јабуселе и други квалитетни кошаркари.
Посебна приказна е Жељко Обрадовиќ, кој се враќа во Панатинаикос, 14 години по заминувањето од клубот со кој освои пет титули во Евролигата. Неговото враќање дополнително ја зголемува тежината на грчкиот гигант во новата сезона.
Во центарот на вниманието ќе биде и Реал Мадрид, кој влезе во новата сезона со Педро Мартинез на клупата и со сериозно освежен состав. Мадриѓаните веќе го освоија првиот Суперкуп на Евролигата, совладувајќи ги Дубаи и Олимпијакос во Абу Даби.
Интересно е тоа што сезонава дури петмина македонски репрезентативци (сегашни и поранешни) ќе бидат дел од Евролигата, но сите се натурализирани: Ди Џеј Стјуард во Басконија, Мозес Рајт во Олимпија Милано, Ти Џеј Шортс и Омари Мур во Валенсија и Нејт Сестина во Асвел.
Сето ова ја прави новата сезона исклучително интересна уште пред првиот натпревар. Големи имиња, искусни тренери, повратници од НБА, нови клубови и сериозно засилени ростери ветуваат сезона во која борбата за европскиот врв би можела да биде поотворена од кога било.
ДВОЈКИ ЗА ПРВОТО КОЛО
24 септември
18:00 – Дубаи – Реал Мадрид
18:00 – Хапоел – Баерн
20:00 – Црвена Звезда – Жалгирис
20:15 – Панатинаикос – Париз
20:30 – Барселона – Анадолу Ефес
20:30 – Басконија – Олимпијакос
20:45 – Вилербан – Макаби
25 септември
19:00 – Бешикташ – Валенсија
19:45 – Фенербахче – Виртус
20:45 – Партизан – Олимпија Милано


