Почетокот на новата сезона во АБА 2 лигата ќе мора да почека. Регионалното натпреварување нема да стартува според првичниот распоред, откако е донесена одлука за одложување на првата недела од натпреварите во двете конкуренции на оваа организација.
Тоа значи дека и македонските претставници ТФТ и МЗТ Скопје ќе мора да почекаат за своите први официјални натпревари во новата сезона во регионалното натпреварување. МЗТ Скопје требаше да игра идната недела на домашен терен против Слобода Ужице, а ТФТ на 14 октомври против Слобода Тузла.
Одлуката за одложување доаѓа поради проблемот околу обезбедувањето на судии за натпреварите во регионалните натпреварувања. Поради актуелната ситуација, организаторот не можеше навреме да го обезбеди потребниот судиски кадар за стартот на сезоната.
АБА лигата соопшти дека дополнително ќе ја информира јавноста за следните чекори и новите термини за одложените натпревари.


