Кошаркарскиот свет остана без една од своите најголеми легенди. Боб Петит, првиот добитник на наградата за најкорисен играч (МВП) во историјата на НБА, почина на 93-годишна возраст.
Петит починал на 23 септември во својот дом во Метери, Луизијана. Причината за смртта не е соопштена. Американскиот кошаркар ја започна НБА кариерата во 1954 година, како втор пик на драфтот, а целата професионална кариера ја помина во франшизата Хокс, која во текот на неговите години се пресели од Милвоки во Сент Луис.
Во 1956 година Петит стана првиот МВП во историјата на НБА, а престижното признание го освои уште еднаш, во 1959 година. Во текот на 11-годишната кариера беше избран на сите 11 Ол-стар натпревари на кои имаше право да настапи. Најголемиот тимски успех го оствари во 1958 година, кога со Сент Луис Хокс ја освои шампионската титула во НБА. Во финалната серија против Бостон Селтикс, Петит одиграл клучна улога, а во решавачкиот шести натпревар постигнал неверојатни 50 поени за титулата.
Петит во кариерата одигра 792 натпревари во регуларниот дел од сезоната, со просек од 26,4 поени и 16,2 скока по натпревар. Заврши со 20.880 поени и 12.849 скока, а беше првиот кошаркар во историјата на НБА кој ја надмина границата од 20.000 поени.
Покрај двете МВП признанија, Петит четири пати беше прогласуван за МВП на Ол-стар натпреварот. Тоа достигнување подоцна го израмни само Коби Брајант.
Неговиот број 9 е повлечен од употреба во Атланта Хокс, а Петит беше примен во Куќата на славните во 1970 година. Беше избран и во сите четири јубилејни тимови на НБА – по повод 25, 35, 50 и 75 години од постоењето на лигата. Со заминувањето на Боб Петит, кошарката остана без еден од пионерите на НБА и играчот кој остави длабока трага во првите децении од историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.


