Суперкупот „Драган Василов Цевка“ ја отвора новата сезона во домашната кошарка, а во него утре се среќаваат шампионот МЗТ Скопје и финалистот во Купот, МКК Куманово.
За аеродромци тоа е шанса да ја продолжат жетвата трофеи на домашна сцена која почна уште во 2022 година и оттогаш освоија се што можеше да се освои. Успесите во последните три сезони се врзуваат со тренерот Васко Атанасов кој се уште не им препуштил ниеден трофеј на ривалите. Серијата ќе се обиде да ја продолжи утре.
„Ростерот со кој располагаме дефинитивно може да одговори на предизвиците што ќе ги имаме пред нас сезонава. Ритамот е пеколен, но имаме доволен број квалитетни кошаркари кои можат да одговорат на предизвиците. Во секој дуел ќе влеземе со желба за победа, без разлика за кое натпреварување станува збор. Некако настапите во АБА2 и обидот да се вратиме во регионалната елита можеби се наш приоритет, секако, со задржување на домашните трофеи, но тоа не значи дека нема да го оставиме и последниот атом енергија на пресметките во ФИБА Еврокупот. Почнуваме во Куманово, да играме со Куманово за Суперкупот. МЗТ е најдобар кога игра како гостин, а победите на гостувања се одлика на големите екипи“, вели Атанасов пред дуелот од Суперкупот.
МЗТ Скопје е убедливо најуспешен клуб во ова натпреварување, а од 2011 година ниеден друг клуб не успеал да го освои пехарот иако е факт дека до 2021 година не се играше редовно.


