Српскиот вицешампион Студент Ниш и репрезентативката на Македонија, Илина Селцова спогодбено го раскинаа договорот, а 24-годишната кошаркарка поради хронични повреди донесе шокантна одлука да ја заврши професионалната кариера.
Селцова ова лето пристигна во нишкиот клуб како едно од најважните засилувања пред сезоната 2026/27, во која Студент по 44 години повторно настапува на европската сцена и се бори во Првата женска лига на Србија и во Купот на Србија. Клубот тогаш истакна големи амбиции на сите три фронта, а доведувањето на македонската репрезентативка со искуство од унгарската лига требаше да биде клучен дел од тој проект.
Сепак, околностите ја спречија Селцова да го облече дресот на Студент на официјален натпревар. Како што се наведува во соопштението на клубот, таа донела тешка одлука да ја заврши кариерата и не сакала дополнително да го оптовари клубот, па раскинот на договорот бил направен спогодбено.
Од Студент порачуваат дека Селцова и во овој момент покажала коректност и карактер, и дека ќе ја паметат по делата, дури иако не стигнала да дебитира. На клубот му се заблагодари за довербата, а нишкиот тим ѝ посака многу здравје и успех во новото животно поглавје.
Веста за повлекувањето на 24-годишната плејмејкерка ја потврди и нејзината агенција Koyer Sport, која ја опиша како истакната кошаркарка на македонската репрезентација и одличен соиграч. Селцова претходните години ја градеше кариерата во Унгарија пред ова лето да дојде во Ниш.
Студент минатата сезона беше вицешампион на Србија, што на клубот му овозможи враќање во европските натпреварувања по повеќе од четири децении.
Пензионирањето на Селцова носи нови проблеми во женската сениорска репрезентација на Македонија која последната година остана без речиси цела петорка.


