Кошаркарскиот клуб ТФТ го подготвува стартот на новата сезона со специјален „Open Day“ настан, на кој навивачите ќе имаат можност одблиску да го запознаат тимот, да се дружат со кошаркарите и да бидат дел од низа интересни активности.
Настанот ќе се одржи в недела, 27 септември, со почеток во 12 часот, во Coffee Bar Caffeine во ТЦ Лептокарија.
За посетителите се подготвени бројни активности, меѓу кои „Player Challenge“, каде што навивачите ќе можат да се натпреваруваат со кошаркарите во шутирање тројки и слободни фрлања, како и „Beat the Player“, односно дуели еден на еден или шутерски предизвици против избран играч.
Програмата предвидува и „Meet & Greet“ со членовите на тимот, делење автограми, фотографирање со кошаркарите, како и специјален „TFT Photo Wall“ со можност за инстант фотографии.
Посебно внимание е посветено и на најмладите навивачи, за кои ќе биде организирана „Kids Corner Mini Basketball Zone“, додека преку „TFT Wall of Fans“ сите присутни ќе можат да остават порака за тимот пред почетокот на сезоната.
Во рамки на настанот ќе биде претставена и новата клупска опрема, а за посетителите ќе има и храна од Food Corner Kantina, со такоси и бургери.
Програмата започнува во 12 часот со DJ сет, во 12:30 часот е предвидено официјалното претставување на тимот, а потоа следуваат „Player Challenges“, детски активности, автограми и фотографии. Денот ќе заврши со дополнително дружење и музика.
Од клубот ги повикаа навивачите да дојдат со своите најблиски и заедно со тимот да го означат почетокот на новата сезона.


