Новата сезона во македонската кошарка ќе започне со големо финале пред финалето – битката за Суперкупот „Драган Василов – Цевка“.
Во Куманово, денеска од 18 часот, МКК Куманово ќе го пречека актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром во дуелот за првиот трофеј во новата сезона.
За кумановскиот тим ова ќе биде посебен натпревар, не само поради можноста да се освои првиот Суперкуп во клупската историја, туку и затоа што натпреварот се игра пред домашната публика, во година во која Куманово одбележува 80 години кошарка.
Еден од предводниците на МКК Куманово, репрезентативецот Стојан Ѓуроски, е свесен дека неговиот тим го очекува исклучително тежок предизвик. МЗТ Скопје во новата сезона влегува со изменет ростер, но и со амбиција да го задржи трофејот во Суперкупот.
„Не очекува исклучително тежок натпревар, против квалитетен противник кој добро го познаваме. Годинава има промени во ростерот, но знаеме дека станува збор за сериозна екипа која ќе настапува на три фронта. На нас е да го дадеме максимумот. Доколку го дадеме, мислам дека имаме шанси да стигнеме до посакуваната победа“, изјави Ѓуроски.
Кумановскиот кошаркар посебно ја нагласи важноста на поддршката од трибините. Домашната публика би можела да биде дополнителен мотив за МКК Куманово во обидот да стигне до историски успех.
„Мислам дека е битно денешниот ден да биде еден голем празник на македонската кошарка. Суперкупот се игра во Куманово, а градот слави голем јубилеј. Мислам дека ќе биде одлична пригода заедно да прославиме. Очекувам голема поддршка од ‘Кумани’, очекувам голема поддршка од целиот град. Се надевам дека салата ќе биде исполнета до последното место и дека на крајот од денот ние ќе дојдеме до посакуваната цел – победата“, порача Ѓуроски.
МЗТ Скопје, пак, ќе се обиде да ја продолжи доминацијата во ова натпреварување. „Металците“ се рекордери со осум освоени Суперкупа, а во Куманово ќе го бркаат деветтиот трофеј.


