Денешниот натпревар против МЗТ Скопје ќе биде прва можност за најтрофејниот тренер во Македонија, Марин Докузовски да го освои единствениот пехар што недостасува во неговата богата колекција.
Седумкратниот освојувач на титулата во македонското првенство и троен во Купот на Македонија ќе го предводи МКК Куманово во мечот кој е историски и за неговиот клуб, а за него лично претставува можност да испише нова страница во македонската кошарка. Творецот на најголемиот успех во историјата на репрезентацијата на Македонија има и по три трофеи во Купот и првенството на Бугарија, како и на Косово и во регионалната Сигал лига.
Сепак, вечерашниот дуел ќе биде нешто повеќе од обична борба за пехар, какви Докузовски имал безброј во својата кариера. Денеска ќе се бори за трофејот кој од 2021 година го носи името на неговиот близок соработник од почетокот на тренерската кариера во Работнички, Драган Василов Цевка.

Повозрасните љубители на кошарката, а и оние кои во тој период се занимаваа со кошарка, знаат дека на почетокот од 90. години, кошаркарската школа на Работнички ја водеа Василов, Докузовски и Митко Луковски со тоа што Цевка и Марин работеа со почетниците, односно пионерските и кадетските екипи. Во 1993 година Луковски го напушти Работнички и го создаде Кошаркарскиот клуб Соколи, првиот приватен клуб во Македонија, со него си замина и Јанко Луковски, а Докузовски беше назначен за помошник на Александар Књазев во првиот тим.
И покрај тоа што работеше со сениорската екипа, Докузовски не ги остави младинските категории, туку продолжи тесно да соработува со Цевка во речиси сите екипи. Поради неговите обврски, во школата на Работнички во тој период дојдоа, тогаш младите и перспективни стручњаци, Бобан Митев и Панче Милевски кои презедоа дел од одговорноста.
Соработката меѓу Докузовски и Василов продолжи и по 1994 година кога Марин беше назначен за шеф на стручниот штаб на Работнички, на местото на Књазев. Во еден период дури Цевка беше негов асистент и заедно освоија една шампионска титула во домашното првенство, но и тогаш Докузовски паралелно ја водеше јуниорската екипа, а Василов како координатор на школата, ги тренираше најмладите и беше максимално посветен на нив. Најважно од се, Василов не сакаше да ја остави генерацијата 1981 која буквално ја обожаваше и ја водеше до првиот тим.
Низ рацете на Докузовски и Василов во тие 90. години од минатиот век поминаа плејада млади кошаркари кои подоцна направија блескави кариери: Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски, Емил Рајковиќ, Горан Веселиновски, Огнен Стојановски, Ѓорѓи Кочов итн.
Уште една симболика би можел да донесе вечерашниот натпревар. Ако МКК Куманово победи, тимот на Докузовски ќе го добие пехарот од синот на Цевка, Горан Василов, кому исто така му беше тренер во младинската школа на Работнички.


