Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје и шести пат по ред, деветти во историјата, го освои трофејот во Суперкупот „Драган Василов Цевка“ откако вечерва го совлада МКК Куманово со 70-68.
Аеродромци овојпат имаа многу среќа, особено во финишот, но секако заслужено дојдоа до нов триумф со кој ја продолжија доминацијата во домашната кошарка. МКК Куманово во клучните моменти направи неколку несфатливи грешки, а го имаше и последниот напад кој неверојатно наивно го завршија, без упатен шут кон кошот.
МКК Куманово многу подобро го отвори мечот, почна со 6-0, подоцна имапе 16-8, но првата четвртина МЗТ Скопје ја заврши со предност од 22-21. Слично беше до полувреме, во вториот период гостите отидоа на +6, но на голем одмор сепак се замина со минимална предност на МЗТ (39-37).
Првото поопипливо водство, шампионот го имаше кон средината на третата четвртина кога отиде на 51-43, ама МКК Куманово повторно се врати со серија од 8-1 до 51-52. Во тие моменти домаќините имаат три напади за преземање на предност, но два пати не се снајдоа најдобро, па МЗТ пак направи +7 (58-51) со кои заврши тој период.
Се чинеше дека се е завршено кон средината на последниот квартал кога МЗТ поведе со 64-51, на три минути пред крајот и 68-58, ама МКК Куманово не се предаде и дојде на чекор од огромен пресврт. Со една серија се доближи на 68-70, го имаше и последниот напад со 15-тина секунди, тргна во акција, но Гуден и Стевановиќ се сплеткаа и дури не успеаја да упатат удар.
Фарахан беше најефикасен на натпреварот со 20 поени, Војдан Стојановски постигна 16 поени и седум скока, а двоцифрен беше и Лука Стојановски со 11 поени. Кај МКК Куманово, Стајиќ беше прв стрелец со 16 поени.


