Проблемите во АБА лигата не само што не се решени, туку дополнително се продлабочуваат. Откако стартот на новата сезона беше одложен, сега под знак прашалник е и одигрувањето на второто коло во елитната дивизија, кое според првичниот распоред требаше да се игра од 2 до 5 октомври.
Причината за кризата е спорот меѓу раководството на регионалното натпреварување и судиите. Главното барање на арбитрите е зголемување на хонорарите, а несогласувањата траат веќе подолг период.
Вчера бил одржан повеќечасовен состанок меѓу претставниците на АБА лигата и судиската организација. Разговорите траеле околу три часа, но двете страни не успеале да постигнат договор. Од раководството на лигата била доставена понуда за зголемување на примањата на судиите, но само за 12%, а не двојно, колку што бараа судиите.
Според последните информации, судиите треба да донесат одлука во текот на денешниот ден. Од нивната одлука во голема мера ќе зависи дали натпреварувањето конечно ќе може да почне.
Кризата започна откако судиите реагираа на одлуките поврзани со новите структури во лигата и побараа подобри финансиски услови. Дополнителна тензија создаде и неуспешниот конкурс за ангажирање нови судии, по што следуваа нови несогласувања меѓу страните. Во меѓувреме, клубовите се најдоа во незавидна ситуација. Наместо подготовките да бидат насочени кон натпреварите, тимовите чекаат да се реши спорот за да дознаат кога воопшто ќе можат да ја започнат сезоната.


