Гостивар претстојниот викенд ќе биде домаќин на меморијален натпревар посветен на Ѓорѓи Божиноски – Ѓоке, човек кој остави длабока и неизбришлива трага во клубот и во спортскиот живот на Гостивар.
Во чест на поранешниот директор на Кошаркарскиот клуб Гостивар, на 4 октомври (недела) во Спортската сала „Младост“ во Гостивар, ќе се сретнат екипите на Гостивар и Шар Планина. Натпреварот ќе почне во 17:00 часот.
Овој настан ќе биде можност љубителите на кошарката, пријателите и сограѓаните заедно да му оддадат почит на Ѓоке и да се потсетат на неговиот придонес кон развојот на кошарката во градот.

Меморијалниот натпревар има и хуманитарен карактер, а се реализира во соработка со ХЕМА-ОНКО – организација за поддршка на онколошки пациенти.
Со присуството на натпреварот, љубителите на спортот ќе дадат поддршка на оваа хуманитарна иницијатива, истовремено зачувувајќи го споменот на човек кој беше значаен дел од кошаркарската приказна на Гостивар.
Божиноски почина во март годинава, а безмалку една деценија ја извршуваше директорската функција во Кошаркарскиот клуб Гостивар.


