Поранешниот шампион на Македонија, Работнички го комплетираше ангажманот на американскиот крилен центар Џаксон Елингсворт, кој пристигнува во Скопје по настапите во НЦАА лигата.
Елингсворт е висок 206 сантиметри и може да покрива повеќе позиции во рекетот. Во сезоната 2025/26 настапуваше за Арканзас Стејт, каде што во 18 натпревари запиша просек од 9,7 поени и 4,8 скока, со 34,6% реализација за три поени.
Неговото искуство, сепак, не се ограничува само на Арканзас Стејт. Пред да се пресели таму, Елингсворт играше за Тексас Арлингтон, каде што во сезоната 2024/25 одигра 28 натпревари и просечно постигнуваше 5,1 поен и 2,8 скока. Во таа сезона имаше и неколку впечатливи настапи со по 19 поени.
Претходно, во 2023/24, настапуваше за Gulf Coast State College. Таму имаше значително поголема улога и просечно реализираше 17 поени, 5,4 скока и 1,3 асистенции по натпревар, со 50,2% шут од поле. Беше избран и во најдобрата петорка на Panhandle Conference.
Елингсворт својата колеџ-кариера ја започна во Ист Каролина во сезоната 2022/23, но таму одигра само пет натпревари пред да продолжи во понискиот ранг и потоа да се врати во првата НЦАА дивизија. Според описот на тренерот на Арканзас Стејт, станува збор за играч кој може да ја растегне одбраната со шут за три поени, да напаѓа од затворање и да биде продуктивен во офанзивниот скок.
Со неговиот ангажман, Работнички добива дополнителна опција во рекетот, но и играч способен да придонесе од дистанца. Елингсворт сега за првпат ќе има европски предизвик, а неговата адаптација ќе биде еден од интересните моменти пред стартот на новата сезона. Интересен е тајмингот на договорот со американскиот кошаркар, имајќи предвид дека новата сезона во македонското првенство почнува за пет дена.


