Ненад Димитријевиќ и Арис со убедлива победа го започнаа настапот во Еврокупот. Грчкиот тим славеше на гостувањето кај Ле Ман со 87-74, во натпревар во кој македонскиот репрезентативец беше дел од почетната петорка.
Арис лошо го почна мечот и во 11. минута губеше со 28-15, но потоа следуваше голем пресврт. Грчкиот тим направи серија од 12-0 и целосно се врати во натпреварот, а на полувремето Ле Ман имаше минимална предност од 40-39. Во продолжението Арис ја презеде контролата, а особено доминираше во третата четвртина.
До крајот гостите го одржаа водството и стигнаа до убедлива победа од 87-74, со која на најдобар можен начин го започнаа европскиот настап.
Најефикасен кај Арис беше Еј Џеј Линдел со 19 поени, осум скока и две асистенции, додека Џеремаја Робинсон-Ерл запиша дабл-дабл со 13 поени и 12 скока. Василис Толиопулос исто така постигна 13 поени.
За Димитријевиќ ова беше прв официјален натпревар во дресот на Арис, клубот во кој пристигна летово. Македонскиот плејмејкер постигна осум поени, четири скока и четири асистенции за околу 20 минути на теренот.
Арис во второто коло ќе биде домаќин на Сан Пабло Бургос на 7 октомври, кога Димитријевиќ и соиграчите ќе имаат можност да ја продолжат победничката серија во Еврокупот.


