Италијанскиот прволигаш Наполи со победа дебитираше во Еврокупот откако го совлада тимот на Бург со 84-76 на домашен терен.
Бург е бранител на титулата во ова натпреварување, а во текот на летото одлучи да не настапува во Евролигата поради малиот буџет со кој располага. Очигледно и во засилениот Еврокуп ќе има проблем бидејќи таму има екипи кои се на нивото на Евролигата.
За Наполи ова беше прв натпревар на европска сцена откако беше реобновен во 2009 година, а дел од него е и македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски. Нашиот кошаркар покажа дека ќе има што да каже оваа сезона бидејќи против Бург беше втор стрелец во својот тим. За нешто помалку од 24 минути во игра постигна 13 поени, пет скока и една асистенција, а подобар од него беше само Даутин со 19.
Во второто коло Наполи гостува во Подгорица кај Будуќност против кого лани Јакимовски, тогаш во дресот на Тренто одигра извонреден натпреввар.


