Тренерот на ТФТ, Боро Смилковски, со оптимизам го очекува почетокот на новата сезона во македонската кошаркарска лига.
По повеќе од месец и половина подготовки и десет одиграни контролни натпревари, тој е задоволен од физичката и тактичката подготвеност на тимот. ТФТ летово значително го промени својот ростер, а за разлика од претходните сезони одлучи да им даде доверба на млади кошаркари, па, меѓу другото, донесе двајца таленти од јуниорската репрезентација – Ѓорѓи Цветковски и Григориј Ѓорѓевиќ кои многу брзо се вклопија во колективот и најавија дека можат да преземат голема одговорност на своите плеќи.
„Во изминативе месец и половина успеавме да реализираме еден воведен циклус на подготовки, надополнет со десет пријателски натпревари. Лично сум задоволен од физичката и тактичката подготвеност на екипата за почетокот на сезоната. Новиот систем на натпреварување, десетте екипи и израмнетиот квалитет во лигата се одлична најава дека ќе сведочиме на крајно возбудливо првенство. Со еден изменет ростер, можеби и најмладата екипа во овогодинешното првенство, не отстапуваме од целите за борба за висок пласман, како во домашното првенство, така и во АБА 2-лигата“, вели Смилковски.
Тој додава дека стручниот штаб ќе мора да има трпение во работата со младата екипа, но истовремено верува дека вложениот труд ќе донесе резултати.
„На нас, стручниот штаб, ни преостанува да бидеме трпеливи во работата и максимално да го поддржиме овој проект. Веруваме во својата работа, веруваме во талентот на екипата и веруваме дека добрите резултати нема да нè заобиколат ни годинава“, потенцира тренерот на ТФТ.
На стартот од домашното првенство, ТФТ го очекува исклучително тежок натпревар на гостински терен во Битола. Покрај домашното првенство, екипата од Тафталиџе и оваа сезона ќе ја претставува Македонија во АБА 2 лигата каде минатата кампања стигна до големото финале и приреди едно од најпријатните изненадувања во историјата на регионалното натпреварување.


