Кошаркарскиот клуб Работнички со големи амбиции ја започнува новата сезона, во која скопскиот клуб слави 80 години постоење.
Тимот под водство на тренерот Владимир Мирковски ги заврши подготовките со позитивен биланс, а стручниот штаб е особено задоволен што екипата во сезоната влегува комплетна и без повредени кошаркари. Во подготвителниот период Работнички одигра девет пријателски натпревари, во исклучително густ распоред, а оствари шест победи и три порази.
„Работнички е клуб кој секогаш се стреми кон трофеи, без разлика на буџетот и ростерот со кој располага. Во подготвителниот период одигравме девет пријателски натпревари во пеколен ритам – практично на секои два дена. Работевме многу напорно и остваривме позитивен биланс од шест победи и три порази. Сепак, најважно од сè е што успеавме да ги зачуваме сите кошаркари здрави и без повреди пред почетокот на сезоната“, вели Мирковски.
Тренерот на Работнички очекува исклучително изедначено првенство, во кое домашните кошаркари би можеле да имаат значајна улога.
„Лигата оваа година е многу изедначена, со десет екипи кај кои голема разлика ќе прават домашните кошаркари. Во овој момент сметам дека Работнички располага со најдоброто домашно јадро, а нашата цел е јасна – атак на финалето во Купот и борба за самиот врв во домашното првенство“, истакнува Мирковски.
Пред клубот е и значаен јубилеј – 80 години од основањето, што носи дополнителна тежина за играчите и стручниот штаб.
„Сите сме свесни што значи името Работнички. Оваа година клубот слави 80 години постоење и тоа за сите нас претставува дополнителна обврска и мотив. Екипата е спој на младост и искуство, а ако на секој натпревар покажеме барем дел од она што го прикажавме во подготвителниот период против еден од претендентите за АБА 1 лигата, тогаш верувам дека сме на вистинскиот пат“, додава тренерот на „црвено-белите“.
Голем мотив за Работнички ќе биде и поддршката од трибините. Клубот очекува Градски парк повторно да биде исполнет, а навивачите да бидат дополнителен фактор во текот на сезоната.
„Очекувам Градски парк повторно да биде исполнет, а нашите верни навивачи да ни дадат дополнителна енергија и поддршка на секој домашен натпревар. Работнички секогаш имал посебна врска со својата публика и верувам дека заедно можеме да направиме сезона достојна за 80-годишниот јубилеј на клубот“, порача Мирковски.
Со амбиции за највисок пласман, стабилен ростер и голема поддршка од трибините, Работнички ја започнува сезоната со јасна цел – да остане во трката за трофеи и да го одбележи големиот јубилеј на начин достоен за традицијата на клубот.


