Новата сезона за МЗТ Скопје Аеродром носи добро познати амбиции, но капитенот Дамјан Стојановски пред стартот на Суперлигата посочи на проблем кој одамна ја следи домашната кошарка.
Наместо за трофеи и резултати, искусниот кошаркар зборуваше за условите во кои ќе се играат натпреварите, особено во зимскиот период. На прашањето што очекува од новото првенство, Стојановски даде краток, но јасен одговор:
„Од новата сезона во Суперлигата очекувам да играме во топли сали“, изјави Стојановски за официјалната интернет страница на КФМ.
Капитенот одлучи да зборува за можеби најгорливото прашање во македонската кошарка и останува неговиот апел да биде послушан, пред се од клубовите кои треба да се грижат и за здравјето на своите кошаркари.
Со својот кредибилитет, интегритет и наследството што го има оставено, Дамјан Стојановски има полно право да побара вакви услови.


