Актуелниот македонски шампион, МЗТ Скопје со победа ја започна одбраната на шампионската титула. Аеродромци вечерва на домашен терен го совладаа МКК Куманово со 85-77 и за само една недела вторпат го надиграа истиот противник.
Откако минатата сабота славеа на гостински терен во Суперкупот, кошаркарите на МЗТ Скопје повторно беа подобри од кумановци, овојпат во првото коло од новата сезона во Суперлигата.
Натпреварот започна израмнето, па по првите десет минути резултатот беше 19-19. Клучниот момент дојде во втората четвртина, во која МЗТ одигра фантастично и ја доби со 33-19. Шампионот направи серија од 15-0 по што на средината од периодот стигна до највисоките +15, односно 41-26.
МКК Куманово не се предаде и во продолжението се обиде да се врати во игра. Гостите на три минути до крајот на третата четвртина намалија на 53-58, а во последниот период стигнаа и до 62-65. Во финишот кумановци направија уште еден обид за пресврт и се доближија на само четири поени, 77-81, но МЗТ Скопје остана смирен и не дозволи изненадување.
Најефикасни кај победникот беа Варнер и Тадиќ со по 15 поени, Лука Стојановски постигна 13, додека Андрија Маслинко и Дамјан Стојановски завршија со по 10. Посебно впечатлив беше Адем Мекиќ, кој на фантастичен начин го имаше своето деби за МКК Куманово. Новото засилување постигна 24 поени и беше прв стрелец на натпреварот.


