Неверојатен натпревар одигра Партизан во Минхен и стигна до третата победа во исто толку кола во Евролигата. Црно-белите губеа со двоцифрена разлика во текот на второто полувреме, но со фантастична завршница направија целосен пресврт и го совладаа Баерн со 86-84.
Кога на Партизан му беше најпотребно, повторно се појави Карлик Џонс. Плејмејкерот во најважните моменти го презеде натпреварот во свои раце и со серија поени го врати својот тим во игра, а потоа и во водство.
Џонс го заврши мечот со 16 поени и пет асистенции, но бројките не ја покажуваат целосно неговата улога во драматичната завршница. Во третата четвртина имаше негативен индекс, но кога се кршеше резултатот, тој беше човекот кој ја презеде одговорноста.
Партизан во последниот период влезе со осум поени негатива, а Баерн долго време ја контролираше ситуацијата. Сепак, гостите не се откажаа и постепено ја топеа предноста на германскиот тим. Во финишот Џонс се разигра, постигна клучни поени и му помогна на Партизан да стигне до израмнување, а потоа и до водство. На 9,4 секунди до крајот избори две слободни фрлања и погоди едно, оставајќи му на Баерн последен напад за победа.
Тогаш топката стигна до Двејн Вашингтон, кој имаше одлична партија и беше најефикасен играч на натпреварот со 20 поени. Сепак, довчерашниот играч на Партизан не успеа да го реализира последниот шут, па Партизан можеше да започне големо славје во Минхен.
Партизан повторно покажа карактер и покрај проблемите со составот. По Вања Маринковиќ и Дерек Вилис, во текот на натпреварот остана и без Ламар Стивенс, кој се повреди при обид за забивање.
Тонје Џекири беше најдобар стрелец кај Партизан со 17 поени и пет скока, додека Карлик Џонс додаде 16 поени и пет асистенции. Кај Баерн, покрај Вашингтон со 20 поени, Јоханес Тиман постигна 17.
Со оваа победа Партизан стигна до импресивни 3-0 што е најдобар старт на сезона во Евролигата во историјата на белградскиот клуб.
РЕЗУЛТАТИ
Бешикташ – Барселона 82-95
Фенербахче – Дубаи 76-66
Баерн – Партизан 84-86
Асвел – Валенсија 92-105
Панатинаикос – Макаби 90-67
Басконија – Олимпија Милано 87-76


