АБА лигата го објави тотално променетиот список на судии за новата сезона откако досегашните стапија во штрајк и не прифатија да водат натпревари под досегашните услови.
Тоа веројатно ќе влијае на квалитетот на судењето, но барем на површина ќе излезат нови арбитри од кои дел почнуваат интернационална кариера. На списокот на АБА има вкупно 31 судија што е премалку за цела сезона, особено ако се знае дека истите тие ќе водат натпревари и во првата и во втората дивизија.
Но, уште поинтересно од тоа се земјите од каде доаѓаат некои од делителите на правдата. На пример, има од држави кои немаат претставници во АБА, како Германија, Италија, Шведска, Полска и Бугарија, но има еден кој воопшто не е од Европа. Станува збор за колумбискиот судија Карлос Хавиер Дуењас Урего кој ја доби довербата да се испроба и на „Јадранот“. Потенцијално, тој може да им суди на македонските претставници во АБА 2, МЗТ Скопје и ТФТ бидејќи е на листата и во второто по ранг натпреварување.
Во АБА лигата оваа сезона нема да има судии од Србија и Хрватска што е уште еден куриозитет во една од најдраматичните, на административен план, кампањи во регионалната организација.


