Утре од 17 часот во спортската сала „Младост“ во Гостивар ќе се одигра меморијален натпревар посветен на Ѓорѓи Божиноски – Џоке, а ќе се сретнат екипите на Гостивар и Шар Планина.
Тоа се клубови кои беа тесна поврзани со Божиноски, а натпреварот ќе биде можност љубителите на кошарката, пријателите и сограѓаните заедно да му оддадат почит на Ѓоке и да се потсетат на неговиот придонес кон развојот на кошарката во градот.
Кошаркарскиот клуб Шар Планина ги врши последните подготовки пред натпреварот. Клубот кој претстојната сезона ќе се натпреврува во Аматерската кошаркарска лига, веќе ги има новите дресови, а изработени се и специјални маички со ликот на Џоке. Меморијалниот натпревар има и хуманитарен карактер, а се реализира во соработка со ХЕМА-ОНКО – организација за поддршка на онколошки пациенти.

Со присуството на натпреварот, љубителите на спортот ќе дадат поддршка на оваа хуманитарна иницијатива, истовремено зачувувајќи го споменот на човек кој беше значаен дел од кошаркарската приказна на Гостивар.
Божиноски почина во март годинава, а безмалку една деценија ја извршуваше директорската функција во Кошаркарскиот клуб Гостивар.


