Женскиот кошаркарски клуб Крива Паланка испиша нова страница во својата историја, откако вчера го освои Суперкупот на Македонија и дојде до првиот трофеј во ова натпреварување.
По големиот успех, тренерот на Крива Паланка, Виктор Петровски не го криеше задоволството и гордоста од постигнатото. Откако минатата сезона стана најмлад тренер со титула во домашното првенство, сега е и најмлад со пехарот во Суперкупот.
„Огромно задоволство и гордост за сите нас. Овој трофеј е резултат на посветеноста, карактерот и вербата што ја имавме едни во други од првиот ден“, истакна 25-годишна стручњак.
Тој упати посебни пофалби до своите кошаркарки за односот и борбеноста што ги покажале во текот на натпреварот, но и во досегашниот дел од подготовките.
„Им благодарам на моите копаркарки за нивниот однос, енергија и борбеност – навистина верувам во оваа група и знаев дека можеме да направиме нешто посебно“, додаде тој.
За Крива Паланка ова е историски момент, бидејќи клубот за првпат го освојува Суперкупот на Македонија. Сепак, тренерот не сака тимот да застане тука и смета дека освоениот трофеј треба да биде дополнителен мотив за продолжението на сезоната.
„Чест ми е што со Крива Паланка го освоивме првиот Суперкуп во историјата на клубот. Ова е голем момент за сите нас, но и само почеток на сезоната. Сакам да продолжиме со истата енергија, единство и амбиција“, порача тренерот.
На крајот, тој упати благодарност и до навивачите и жителите на Крива Паланка за поддршката која тимот ја добива.
„Голема благодарност и до нашите навивачи и цела Крива Паланка за огромната поддршка. Овој трофеј е за сите нас“, заврши тренерот.
Првенството во женската Прва лига на Македонија почнува идниот викенд, а Крива Паланка ќе го брани трофејот.


