ФМП приреди големо изненадување во второто коло од АБА-лигата, откако во Железник ја совлада Црвена Звезда со 90-89 и стави крај на една неверојатна серија во меѓусебните дуели.
На ФМП му требаа дури 5.618 дена за повторно да ја победи Звезда. Последен пат тимот од Железник славел против „црвено-белите“ на 18 мај 2011 година, кога победи со 97-87. Оттогаш следуваа дури 44 последователни порази, серија која конечно заврши вечерва.
Избраниците на Саша Никитовиќ одиграа одличен натпревар и во најголемиот дел од средбата имаа контрола над резултатот. ФМП ја доби првата четвртина со 23-18, а на полувреме замина со девет поени предност – 50-41.
Домашниот тим во второто полувреме успеваше да ја одржува предноста, пред Црвена звезда да се врати во игра во третата четвртина. По 30 минути ФМП водеше со 68-65, па следуваше неизвесна завршница. Клучни за историскиот триумф беа Брендон Раш и Џамаја Нил. Раш постигна 26 поени, додека Нил блесна на своето деби во АБА лигата со 27 поени. Двајцата заедно постигнаа 53 од вкупно 90. поени на ФМП.
Црвена звезда не се предаде и во финишот успеа да се врати во натпреварот. По тројката на Џордан Нвора, гостите повторно се заканија, но ФМП остана смирен во последните секунди. Никола Гашиќ со слободните фрлања ја одржа предноста, а во последниот напад „црвено-белите“ не успеаја навреме да направат прекршок.
Така, ФМП стигна до една од најголемите победи во поновата историја на клубот – по 15 години, четири месеци и 16 дена, конечно ја сруши Црвена Звезда.


