Македонската кошарка сезонава добива сè поголемо признание на европската сцена, а најдобар доказ за тоа е бројот на македонски судии, делегати и комесари кои добиваат номинации за натпревари под капата на ФИБА Европа.
Присуството на македонските официјални лица е значително зголемено во однос на претходниот период, а номинации има во машкиот и женскиот ФИБА Еврокуп, но и во ФИБА Евролигата за жени. За Судиската организација при Кошаркарската федерација на Македонија, тоа е потврда дека вложувањата во едукацијата и развојот на кадарот почнуваат да даваат конкретни резултати.
Позитивниот тренд доаѓа по посетата на претставници на ФИБА Европа задолжени за секторот на официјални лица на задолжителниот семинар организиран од македонската Судиска организација.
На средбите со раководството на Судиската организација, предводено од претседателот Алија Феревски, како и со раководството на КФМ, предводено од генералниот секретар Томче Стојчевски, во фокусот биле развојот на судиите и официјалните лица, нивната едукација, професионализација и поголемо присуство на меѓународната сцена.
Само неколку недели подоцна, бројните номинации покажуваат дека соработката веќе носи резултати.
Во машкиот ФИБА Еврокуп, Петар Денковски доби две номинации за делегат. На 13 октомври ќе биде дел од натпреварот Генче – Колосос во Гања, Азербејџан, а ден подоцна ќе ја има истата улога на дуелот Нефчи – ВЕФ Рига во Баку.
Уште три делегатски ангажмани има Димитар Терзовски. Тој ќе биде дел од натпреварите Трепча – Промитеас, Рилски Спортист – Есенлер Ерокспор и Трепча – Опава.
Владо Цветковски, пак, е номиниран за делегат на натпреварот Ерокспор – Генче во Истанбул.
Зоран Митровски е меѓу најангажираните македонски официјални лица во ова натпреварување. Тој има три номинации – прво како судија на Башкими – Валмиера во Призрен, каде што ќе суди заедно со Алија Феревски, а потоа и на натпреварите Лајонс – Бакен Беарс во Женева и Остенде – Динамо Букурешт во Белгија.
Номинација има и Игор Митровски, кој на 21 октомври ќе биде дел од официјалните лица на натпреварот Биотекно Кортез Баскет – Манчестер во Коџаели.
Македонските судии и официјални лица имаат значајно присуство и во женскиот ФИБА Еврокуп.
Зоран Митровски ќе биде дел од судиската тројка на натпреварот Фрибург – Аутошпед, додека претседателот на Судиската организација, Алија Феревски, доби две номинации – за Мерсин – Шлеза Вроцлав и Рутроник Келтерн – Острава.
Две делегирања има Иван Мијалковски, кој ќе биде дел од натпреварите Олимпијакос – Ферол и Студент – Бенфика. На вториот натпревар, во Ниш, како комесар ќе биде ангажиран и Петар Денковски.
Во ова натпреварување номинации добија и Андреј Златевски, за Панатинаикос – Алба Берлин, како и Ема Никочевиќ, која ќе биде дел од натпреварот Пансераикос – Монпеље во Грција.
Посебно значајно е што македонските официјални лица се присутни и во ФИБА Евролигата за жени, највисокото европско клупско натпреварување под капата на ФИБА.
Владо Цветковски е номиниран како делегат на натпреварот Емлак Спор – УМСЦ Љублин, кој ќе се одигра во Истанбул.
Сите овие номинации претставуваат повеќе од обична бројка. Тие се признание за работата на македонската Судиска организација, но и потврда дека македонските официјални лица ја уживаат довербата на ФИБА Европа.
За КФМ, следниот чекор е да се продолжи со создавање услови за развој на судиите, делегатите и комесарите и да се обезбеди што поголем број македонски претставници да бидат присутни на најважните европски натпревари.
Македонската кошарка можеби нема секогаш голем број клубови во европската елита, но преку своите судии и официјални лица сезонава испраќа јасна порака – има квалитет кој Европа го препознава и му дава сè поголема доверба.


