МЗТ Скопје Аеродром со пораз го отвори враќањето на европската сцена. Македонскиот шампион вечерва загуби од грчкиот Ираклис со 59-64 во првото коло од групата Е во ФИБА Европа купот, во натпревар во кој победникот беше решен во драматичната завршница.
„Металците“ имаа што да покажат во своето прво европско појавување по повеќе од 25 години, иако на крајот останаа без награда за добрата борба.
Ираклис подобро го отвори натпреварот и во првата четвртина стигна до девет поени предност, 19-10. МЗТ, сепак, не дозволи гостите да го преземат целосно натпреварот во свои раце. Домашниот тим постепено ја топеше негативата и до крајот на првата четвртина намали на 21-26.
Во вториот период избраниците на Васко Атанасов продолжија со подобрата игра, а наградата стигна со целосен пресврт. МЗТ успеа да поведе со 37-36 и покажа дека има одговор за секој налет на грчкиот тим. Ираклис повторно ја презеде контролата на почетокот на второто полувреме. Гостите направија серија од 7-0 и поведоа со 47-39, но МЗТ уште еднаш се врати во игра.
Домашниот тим стигна до само два поени негатива, па следуваше исклучително неизвесна завршница. Последните десет минути донесоа вистинска „војна“ во која нападите целосно потфрлија. Двете екипи заедно постигнаа само 17 поени во последната четвртина, а Ираклис подобро се снајде во такви услови и успеа да го сочува минималното водство.
Ноа Фарахан со 18 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, Варнер постигна 11, додека Тадија Тадиќ заврши со осум поени.
За МЗТ нема многу време за одмор. Следниот европски предизвик е повторно во „Јане Сандански“, на 14 октомври против естонскиот Тарту, во второто коло од групата Е.


