Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Ираклис во ФИБА Европа купот доби и политичка димензија откако во салата „Јане Сандански“ беше истакнато знаме со националистичка содржина.
Од грчкиот клуб веднаш реагираа на пораката од трибините, па Ираклис официјално го пријави случајот кај делегатот на натпреварот, Бугарката Елеонора Рангелова.
„Името твое свето ќе го браниме пред светот“, беше испишано на спорниот транспарент, а имаше и мапа со граници кои опфаќаат територии што денес се во состав на Грција, вклучително и Солун и Халкидики. Ираклис побарал спорниот материјал да биде отстранет од трибините, а клубот соопшти дека уште пред почетокот на натпреварот го информирал делегатот за случајот.
„Ираклис веднаш и официјално, уште пред натпреварот, пријави кај бугарската комесарка на натпреварот Елеонора Рангелова дека на една од централните трибини е поставено знаме со националистичка содржина и побара негово отстранување. За случајот беше информирана и грчката амбасада во Скопје“, соопштиле од грчкиот клуб за тамошните медиуми, а пренесе sport24.gr.
Од Ираклис дополнително најавија дека нема да застанат тука. Клубот планира да поднесе и официјална пријава до ФИБА поради спорното знаме. Случајот привлече големо внимание во грчката јавност, а за него известија повеќе спортски медиуми во текот на натпреварот.


