Немирна атмосфера владее во редовите на италијанскиот прволигаш Канту по драматичниот пораз од Удине, а во центарот на вниманието е поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Хасани Гравет кој летово дојде во клубот.
Италијанските медиуми објавуваат дека дошло до тензичен момент откако тренерот Франк Витучи го извадил Гравет од игра по само три минути од неговиот втор влез на паркетот. Американецот отворено го покажал незадоволството и продолжил да протестира и откако седнал на клупата. Витучи потоа решил повеќе да не го враќа во игра. На прес-конференцијата по натпреварот, италијанскиот стратег не навлегувал подлабоко во ситуацијата, туку кратко одговорил дека тоа била негова одлука, какви што во кошарката може да има „многу, исправни или погрешни“.
За Гравет, пак, натпреварот против Удине беше особено лош. За осум минути на теренот не постигна поени, имаше 0/4 од поле и две загубени топки. Уште позначајно, тој не беше стартер — Витучи предност во првата петорка му даде на Давиде Морети.
Канту на крајот загуби со 84-85 по продолжение, иако во последната четвртина успеа да израмни на 77-77. Мечот го одлучи Андреа Калцавара со кош на 2,3 секунди до крајот, по што Семај Кристон не реализираше за победа.
И покрај тензијата, засега нема информација дека клубот планира дисциплинска мерка против Гравет или раскин на договорот. Денешниот тренинг би можел да биде прилика за разговор и расчистување на ситуацијата меѓу кошаркарот и стручниот штаб. Сепак, ситуацијата е интересна и поради тоа што сомнежите околу позицијата на Гравет во тимот не се појавија само по инцидентот. Уште пред овој натпревар беше јасно дека неговата позиција во Канту е под знак прашалник и дека клубот претходно работел на ангажманот на Давиде Морети. Според Италијанците, авантурата на Гравет во Канту може да се приближува кон крајот, но станува збор за медиумска проценка, а не за официјална одлука на клубот.
Гравет беше член на МЗТ Скопје во сезоната 2020/21 и со тимот од Аеродром освои двојна круна во домашната кошарка. Од Македонија замина во НБА каде потпиша краткорочен договор со Орландо Меџик и за овој тим одигра осум натпревари во најсилната лига во светот, но поактивен беше во филијалата Лејкленд. Во 2023 година ги напушти САД и оттогаш играше во Германија, Полска, Доминиканска Република, Азербејџан и од сезонава во Италија.


