Екипата на МКК Куманово дојде до првата победа сезонава во Суперлигата откако на домашен терен го совлада дебитантот Штип со 70-59.
Клучно беше второто полувреме откако штипјани доминираа во првото и во него имаа и двоцифрена предност. Гостите го изненадија фаворизираниот противник кој мораше добро да се испоти за да дојде до победата.
Штип водеше безмалку цело прво полувреме, со исклучок на воведните две минути во кои МКК Куманово имаше 3-0 и 4-2. Највисоката предност ја достигна кон средината на вториот период кога поведе со 28-18, а на голем одмор замина со 34-29. Водство од десет разлика штипјани имаа и на стартот од второто полувреме (29-39), но потоа следуваше будењето на МКК Куманово.
Со серија од 10-2 се доближи а 39-41, а откако Штип го одби првиот обид, МКК Куманово направи серија од 11-0 за преземање на водството и предност од 51-45. Се беше решено кон средината на последниот период кога на семафорот стоеше 61-49, па домашниот тим само мирно го приведе мечот кон крајот.
Искусниот Стојан Ѓуроски го предводеше домашниот тим со 16 поени и осум скока, Мекиќ додаде 15 поени, а Стевановиќ 13. Хемилтон беше најефикасен кај Штип со 21 поен.


