Вчера официјално стартуваше Првата македонска кошаркарска лига (втора по ранг) која од оваа сезона се игра со изменет систем, а веќе првото коло донесе еден необичен резултат.
Во дербито на западот, Гостивар го растури Тетекс со дури 75 поени разлика (134-59), најавувајќи дека ќе биде можеби најсериозен кандидат за враќање во елитната конкуренција во македонската кошарка. Интересно е тоа што двајцата најефикасни кошаркари во тимот на Гостивар, Пецаноски и Димитриевски сами постигнаа речиси идентичен број како целиот тим на Тетекс (33+25).
Гостиварци во продолжение од сезоната ќе бидат уште посилни бидејќи на дуелот со Тетекс не настапија Столески и Чадамов поради повреди, како и американскиот интернационалец Крис Тарнер кој не беше регистриран навреме.
Другите два меча од Првата лига – група Б се играат денеска, додека од групата А вчера се одиграа три натпревари. Борец ги победи Ангели со 88-74, Феникс беше подобар од Мега Баскет со 100-83, а Црн Дрим триумфираше на гости кај Младинец со 87-76.


