Кошаркарскиот клуб Башкими од Призрен игра во одличен ритам на почетокот на новата сезона во косовското првенство, а македонскиот кошаркар Лејсон Зеќири е меѓу играчите кои имаат значаен придонес во успешните резултати на тимот.
Башкими ја продолжи победничката серија со триумфот над Бора од 78-58 во четвртото коло од косовската Суперлига. Со оваа победа, екипата од Призрен стигна до четвртиот последователен триумф во домашното првенство, а во сите натпреварувања веќе има шест победи по ред.
Зеќири беше еден од најзаслужните за убедливиот триумф над Бора, завршувајќи го натпреварот со 18 поени и четири скока. Македонскиот репрезентативец одигра важна улога во победата на својот тим, кој по почетното водство на гостите успеа да ја преземе контролата и да направи убедлива разлика.
Добрата форма на Зеќири се гледа и преку неговите настапи во европското натпреварување. На дуелот против Вентспилс во ФИБА Европа купот, македонскиот центар запиша осум поени и осум скока, потврдувајќи дека може да придонесе и во борбите под обрачите. Покрај тоа, нашиот кошаркар веќе беше прогласен за играч на месецот во косовското првенство.
Башкими, покрај добрите резултати во домашното првенство, бележи успеси и на европската сцена. Тимот од Призрен ја започна сезоната со убедлива победа над Ули од 96-60, потоа славеше на гостувањето кај Раховеци со 100-84, а во третото коло го совлада и Трепча со 84-76.


