Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски се соочува со сериозна повреда која може да го оддалечи од терените извесен период.
Лекарските прегледи потврдија тешко оштетување на мускул во десната страна на стомакот, а засега не е познато кога крилниот кошаркар ќе може да се врати на паркетот.
Според официјалното соопштение на Наполи, Јакимовски има целосно кинење на десниот внатрешен кос стомачен мускул, со одвојување од припојот на единаесеттото ребро. Македонскиот репрезентативец веќе го започнал процесот на лекување и рехабилитација под надзор на медицинскиот тим на италијанскиот клуб.
Времетраењето на паузата ќе зависи од напредокот во закрепнувањето, а клубот засега не објави конкретен рок за неговото враќање. Болките ги почувствува уште минатата недела поради што имаше минимална минутажа против Будуќност во Еврокупот, а вчера воопшто не играше против Канту во домашното првенство. Јасно е дека Јакимовски нема да биде во екипата ни задутре на мечот со Шлонск во Еврокупот, а засега нема точна временска рамка кога би се вратил на терените.
За среќа, до следната акција на македонската репрезентација има уште месец и пол што веројатно е доволно време за Јакимовски да закрепне.


