Несекојдневна ситуација се случи вчера со австрискиот тим Виена. Клубот во исто време имаше закажано два натпревари во различни натпреварувања, па клубот од главниот град на Австрија се соочи со сериозен логистички предизвик.
Додека првиот тим гостуваше кај Партизан во рамките на АБА-лигата, со почеток во 20 часот, во австриската Суперлига, Виена требаше да игра против Таурерс во Куфштајн, со почеток во 19 часот.
Станува збор за навистина необична ситуација, бидејќи исти кошаркари не можат да настапуваат на две места во исто време. Сепак, Виена има различни состави за настапите во регионалното и во домашното првенство.
Екипата што настапува во АБА-лигата ја предводи поранешниот македонскиот селектор Драган Бајиќ, додека според официјалната статистика, тимот во австриското првенство е под водство на Игор Димитров.
Виена и минатата сезона се соочуваше со слични проблеми поради густиот распоред, но тогаш натпреварите се играа во последователни денови. Клубот најави дека во домашното првенство ќе им даде поголема можност на помладите кошаркари и австриските таленти за да го намали оптоварувањето на играчите кои настапуваат во АБА-лигата.
Ситуацијата е уште покомплицирана оваа сезона, бидејќи Виена има обврски и во Еврокупот. Така, клубот мора внимателно да ги распределува силите и да го организира ростерот за да одговори на предизвиците во сите натпреварувања. Тоа е и причината што Виена е на дното на табелата во австриското првенство со четири убедливи порази во исто толку натпревари, од кои еден со со 85 и еден со 56 разлика.


