Кошаркарите на Олимпијакос приредија неверојатен пресврт во петтото коло од Евролигата, откако на гостински терен ја совладаа Валенсија со 102-97 по продолжение.
Грчкиот гигант се врати од негатива од дури 28 поени и ѝ го нанесе првиот пораз на шпанската екипа во новата сезона. Валенсија изгледаше незапирливо во првото полувреме и целосно го контролираше натпреварот. Домаќините го добија првиот период со 31-17, а на паузата заминаа со убедлива предност од 59-34. Во еден момент разликата достигна и 28 поени(62-34), па се чинеше дека Олимпијакос е пред убедлив пораз.
Сепак, грчкиот состав не се предаде. Олимпијакос заигра многу поцврсто во одбраната во второто полувреме, ја намали разликата во третата четвртина и постепено се врати во натпреварот. Гостите го добија третиот период со 25-12 и најавија дека драмата во Валенсија допрва започнува.
Во последната четвртина Олимпијакос продолжи со силното темпо и постигна 31 поен, наспроти 19. на домаќините. Валенсија ја испушти огромната предност, а натпреварот влезе во неизвесна завршница, во која грчкиот тим успеа да избори продолжение при резултат 90:90. Во дополнителните пет минути Олимпијакос беше посигурен, го доби продолжението со 12:7 и стигна до еден од највпечатливите пресврти во досегашниот тек на сезоната.
Жан Монтеро беше меѓу најзаслужните за големиот триумф со 26 поени, додека Еван Фурние додаде 23 поени за гостинскиот состав. Кај Валенсија, Никола Миротиќ постигна 19 поени, но неговиот учинок не беше доволен за домаќините да ја зачуваат предноста.


