Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ги очекува нов предизвик во ФИБА Европа купот, а противник на македонскиот шампион ќе биде естонскиот состав Тарту.
Натпреварот е закажан за 18:30 часот, а „металците“ ќе се обидат да стигнат до позитивен резултат со поддршка од своите навивачи.
Капитенот на МЗТ Скопје, Војдан Стојановски, ги посочи клучните елементи што неговиот тим треба да ги исполни за да се надева на успех во вечерашната пресметка. Според него, цврстата одбрана, високата енергија и концентрацијата во текот на сите 40 минути ќе бидат од пресудно значење.
„Нѐ чека тежок меч. Треба да бидеме цврсти и да влеземе со огромна енергија во одбраната. Доколку сме на нашето ниво низ целиот дуел, очекувам позитивен резултат на крајот. Секако, со поддршка од нашите верни навивачи, чија помош ни значи навистина многу“, истакна Стојановски.
Од таборот на „сино-белите“ очекуваат поддршка од трибините во салата „Јане Сандански“, каде што навивачите традиционално се важен фактор во европските натпревари на македонскиот шампион.


