И по третото коло од домашното првенство, актуелниот шампион МЗТ Скопје останува со максимален ефект откако вечерва без поголеми проблеми го совлада ТФТ со 70-66.
Можеби конечниот резултат дава сугерира дека натпреварот бил тесен или неизвесен, но во суштина, тоа не беше случај. МЗТ Скопје ја имаше контролата над играта и резултатот во текот на целиот меч и само во финишот ТФТ успеа да внесе мала драматика.
Најголем дел од својата работа МЗТ Скопје заврши во воведната четвртина која ја доби со 25-10, а највисоката предност ја достигна кон средината на вториот период кога поведе со 38-19. ТФТ тешко го наоѓаше патот кон противничкиот кош, па на голем одмор замина дури и со добар резултат (28-41), со оглед на проблемите во нападот.
Доминацијата на шампионот продолжи и во второто полувреме, на две минути пред крајот на третата четвртина МЗТ Скопје имаше 57-40 и се чинеше дека финишот од мечот ќе биде само формалност, уште повеќе што и на пет минути пред крајот на натпреварот беше 64-52 за домашниот тим. Тогаш ТФТ почна да се буни, со серија од 7-0 намали на само пет поени негатива (59-64), а на 88 секунди пред крајот, по троојката на Митревски и на три разлика (64-67). Шансата за тотална драма ја пропушти Вајт кој на 34 секунди пред крајот имаше шут за тројка за израмнување, но беше непрецизен. На спротината страна Војдан Стојановски погоди едно слободно фрлање, а клучниот скок го имаше Лука Стојановски по што Тадиќ од линијата го однесе МЗТ на недостижни 70-64.
Николиќ го предводеше МЗТ Скопје со 15 поени, Тадиќ додаде 12, а Варнер 11. Прво име кај ТФТ беше Сила кој постигна 19 поени и 13 скока, но откритие на тимот од Тафталиџе е 19-годишниот Матеј Митревски кој постигна 10 поени, но во 17. минути додека беше во игра, ТФТ реализира 16 поени повеќе од МЗТ Скопје.
По три одиграни натпревари оваа сезона, ТФТ останува со само една победа, додека МЗТ Скопје, наспроти настапите во ФИБА Европа, е без пораз во домашното првенство. Двете екипи идната недела имаат обврски на меѓународен план, МЗТ Скопје против Вирцбург во ФИБА Европа купот, а ТФТ против Слобода во АБА 2 лигата.


