Неверојатни сцени го одбележаа натпреварот меѓу Бешикташ и Баерн во Евролигата, откако српскиот тренер Душан Алимпијевиќ влезе во конфликт со својот кошаркар Метехан Бирсен и го испрати во соблекувалната.
Бешикташ на крајот славеше со 95-87, но победата во шестото коло од елитното европско натпреварување падна во сенка на инцидентот што се случи во второто полувреме.
Алимпијевиќ во еден момент одлучи да го повлече Бирсен од игра, а турскиот кошаркар реагираше бурно. Незадоволен од одлуката на тренерот, тој со негодување и пцовки се упати кон соблекувалната, пред соиграчите да се обидат да го смират и да го вратат на клупата.
Soyunma odasından gelen Metecan Birsen’i Dusan Alimpijevic geri gönderdi. https://t.co/y4TWe1mcQs
— Çağan Ergen (@caganergenc) October 16, 2026
Сепак, ситуацијата не заврши тука. Кога Бирсен се врати, Алимпијевиќ не сакаше да го прифати неговото однесување и му порача повторно да замине во соблекувалната. Така, турскиот кошаркар беше отстранет од натпреварот, а камерите забележаа дел од случувањата на клупата на турскиот тим.
Инцидентот се случи на натпревар на кој Бешикташ имаше и голема предност од 28 поени, но за малку ќе дозволеше целосен пресврт. Баерн се врати во игра и внесе неизвесност во завршницата, но домашниот состав успеа да ја задржи предноста и да стигне до победата од осум поени разлика.
За Алимпијевиќ ова беше уште еден натпревар во кој неговиот тим покажа карактер, но сцените со Бирсен сигурно ќе бидат една од главните теми по дуелот. Српскиот стратег, кој воедно е и селектор на Србија, испрати јасна порака дека нема да толерира недисциплина, без оглед на околностите на натпреварот.


