Кожув продолжува со добрите настапи во Суперлигата откако вечерва ја запиша својата втората победа во сезоната.
На гостувањето кај Штип, гевгеличани славеа со 85-77, благодарение на одличната игра во третиот период и смиреноста во клучните моменти од завршницата.
Домашниот состав покажа дека може да му парира на ривалот, па по првите 20 минути имаше минимална предност од 40-39. Двата тима се менуваа во водството, а Штип успеваше да одговори на налетите на гостите и да го одржува натпреварот целосно отворен.
Пресвртот се случи во третата четвртина. При водство на Кожув од само еден поен, гевгеличани направија серија од 12-1 и за првпат се одвоија на двоцифрена разлика. Пред последните десет минути имаа предност од 65-57, која се покажа како исклучително важна за конечниот исход.
Сепак, Штип не се откажа од обидот да стигне до пресврт. Домашните постепено ја топеа негативата, а во финишот се доближија и на само три поени разлика, по тројката на Димчевски за 75-78. Во тие моменти Кожув покажа поголема смиреност, па Армстронг погоди за 80-75, по што Бурис и Бојчев го потврдија триумфот на гостинскиот состав.
Најзаслужен за победата беше Бојчев, кој одигра извонреден натпревар со 31 поен, три асистенции и еден скок, погодувајќи шест тројки од десет шута. Бурис додаде 22 поени и осум скока, Симиќ оствари дабл-дабл со 15 поени и 10 скока, додека Армстронг заврши со 13 поени, пет скока и пет асистенции.
Кај Штип, Хамилтон беше најдобар стрелец со 22 поени. Ѓорѓевиќ запиша 17 поени и осум скока, Димчевски постигна 16 поени, а Пал имаше дабл-дабл учинок од 14 поени и 10 скока.
Со овој пораз, Штип останува без победа по првите три кола, додека Кожув со биланс од две победи и еден пораз го продолжува натпреварувањето.


