Црвена Звезда официјално го потврди ангажманот на камерунскиот центар Кристијан Колоко, кој ќе ја засили центарската линија на белградскиот тим во продолжението од сезоната. Колоко доаѓа во Белград по настапите во НБА лигата и за првпат во кариерата ќе игра во Европа.
Колоко има 26 години и е висок 211 сантиметри. Најголемото искуство го стекна во најсилната кошаркарска лига во светот, каде што настапуваше за Торонто, Лос Анџелес Лејкерс, Мемфис, Сан Антонио и Атланта. Во НБА лигата забележа околу 120 настапи, со просек од 2,8 поени и 2,8 скока по натпревар.
Камерунскиот центар беше избран како 33. пик на драфтот во 2022 година од Торонто Репторс. Пред да замине во професионалните води, три сезони настапуваше за Универзитетот Аризона, каде што се истакна со својата игра во одбраната, скоковите и блокадите. Неговите физички предиспозиции и подвижност се меѓу квалитетите од кои Црвена звезда очекува да има голема корист.
@CJKoloko welcome to 🔴⚪️ family! 🙌🏼 Упознајте новог кошаркаша КК Црвена звезда Меридианбет 🔥 #kkcz #WeAreTheTeam https://t.co/BuydvvqagU
— KK Crvena zvezda Meridianbet (@kkcrvenazvezda) October 18, 2026
Ангажманот на Колоко доаѓа во момент кога белградскиот клуб има проблеми на центарската позиција поради повредите на Џонатан Мотли и Ебука Изунду. Со неговото доаѓање, тренерот добива дополнителна опција во рекетот, особено во одбраната и контролата на скокот.
За Колоко ова ќе биде прво европско искуство, но и можност повторно да се наметне на високо натпреварувачко ниво. Црвена звезда, пак, добива центар со НБА искуство во обидот да ја засили конкуренцијата во Евролигата.


