Кошаркарките на Вардар приредија вистинско изненадување на стартот од новата сезона во Првата лига-жени, откако во дербито на првото коло го совладаа актуелниот шампион Крива Паланка со убедливи 82-70.
Вардарки одиграа одлично уште од првата минута и покажаа дека имаат сериозни амбиции во новото првенство. Домашниот состав ја презеде контролата врз натпреварот уште во воведниот период, кој го доби со убедливи 29-13, а во продолжението само ја зголемуваше предноста.
Крива Паланка немаше одговор за расположените домаќинки во првото полувреме. Вардар продолжи да доминира и во втората четвртина, па на паузата замина со огромни 22 поени предност (47-25). Ниту продолжението не донесе промена на односот на силите, а пред последните десет минути вардарки имаа предност од 25 поени (67-42), а неколку секунди претходно ги достигнаа највисоките +29 (67-39).
Шампионките се обидоа да го направат финишот поинтересен и успеаја да ја намалат разликата во последната четвртина, но веќе беше предоцна за целосен пресврт. Вардар ја задржа контролата и стигна до заслужен триумф, со кој веднаш испрати предупредување до конкуренцијата.
Елена Тасевска беше најефикасна во победничкиот тим со 17 поени, шест скока и пет асистенции. Пислевска и новото засилување, Турчинката, Донмез постигнаа по 16 поени, Николиќ запиша 13 поени и шест скока, додека Трајковска оствари дабл-дабл со 12 поени и 10 скока. Во гостинскиот состав, капитенката Алексовска беше најрасположена со 25 поени и пет скока. Гордон исто така имаше одличен настап со дабл-дабл од 22 поени и 11 скока, додека Ли придонесе со 15 поени и осум скока.
Крива Паланка се соочи со големи проблеми пред овој натпревар. Две стандардни кошаркарки не настапија поради повреди, па „шести“ играч на тимот беше 14-годишната Божица Станојковска, а настапија уште неколку тинејџерки. Тоа, секако, не треба да го намали успехот на Вардар кој има искусен тим, со малку промени во однос на минатата сезона и кој веднаш покажа дека може да се вмеша во борбата за трофеите во домашната кошарка.


