Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ги очекува гостување во Германија, каде што ќе се соочат со Вирцбург во третото коло од групната фаза во ФИБА Европа купот.
Овој натпревар носи и посебна приказна – на спротивната клупа ќе биде Сашо Филиповски, тренер кој детството го поминал во скопски Аеродром и кој како дете навивал токму за „сино-белите“.
Филиповски, кој е роден во Љубљана, речиси 13 години од своето детство поминал во Скопје, а населбата Аеродром има посебно место во неговите спомени. Во едно интервју тој откри дека живеел во непосредна близина на салата во која настапуваше МЗТ Скопје и дека како дете бил навивач на клубот од „Јане Сандански“.

„Кога бев дете, навивав за МЗТ Скопје. Живеев на 400 метри од салата“, откри Филиповски пред неколку години во интервју за еден српски портал, додека беше тренер на Партизан.
Така, денешниот натпревар ќе биде многу повеќе од обична европска пресметка за искусниот стратег. По долгогодишната кариера и работата во неколку европски земји, Филиповски ќе има можност да се соочи со клубот за кој навивал во детството, овојпат како предводник на противничкиот тим.
Сепак, носталгијата ќе мора да почека, бидејќи и за двете екипи бодовите се од големо значење. МЗТ Скопје ги загуби првите два натпревари во групата Е, од Ираклис со 59-64 во Скопје и од Тарту со 92-95, па во Германија ќе бара начин да ја прекине негативната серија и да ги задржи шансите за пласман во следната фаза.
Ниту Вирцбург не го отвори најдобро настапот во Европа купот. Германскиот тим загуби од АЕК Ларнака со 65-73, а потоа и од Ираклис со 73-90, што значи дека и Филиповски и неговите избраници ќе ја бркаат првата победа во натпреварувањето.
Вирцбург, сепак, располага со искусен тренер и ќе има предност на домашен терен. За МЗТ, пак, ова е можност да покаже реакција по двата тесни порази и да се врати во трката за едно од првите две места во групата, кои водат во следната фаза.
Дуелот во „Тектаке арена“ е закажан за вечерва од 19 часот, а за Филиповски ќе биде посебен.


