Новата сезона во НБА лигата почнува вечерва, а пред да се потфрли топката, франшизите ги направија последните промени во составите.
Меѓу играчите кои останаа без ангажман има и неколку добро познати имиња. Конкуренцијата за место во најсилната кошаркарска лига во светот повторно покажа колку е тешко да се задржи статусот на НБА-играч, дури и по добри индивидуални сезони.
Едно од најголемите изненадувања е разделбата на Милвоки Бакс со Кевин Портер Џуниор. Бекот минатата сезона беше меѓу најважните играчи на тимот, со просек од 17,4 поени, 7,4 асистенции и 5,2 скока по натпревар. Сепак, Милвоки одлучи да го ослободи пред почетокот на новата сезона, во рамките на промените во играчкиот состав.
Без место во Лос Анџелес Лејкерс остана и Далтон Кнехт, поранешниот 17. пик на драфтот во 2024 година. Тој имаше добри моменти во својата дебитантска сезона, но подоцна тешко доаѓаше до континуитет и поголема минутажа. Минатата сезона забележа просек од 4,2 поени во 54 натпревари, а слабите настапи во претсезоната дополнително влијаеја врз неговата позиција во тимот.
На листата на кошаркари кои останаа без договор се најде и Брус Браун, член на шампионскиот состав на Денвер Нагетс од сезоната 2022/2023. Искусниот бек во септември потпиша договор со Њујорк Никс, но клубот се раздели со него при последното скратување на ростерот. Браун минатата сезона одигра 82 натпревари за Денвер, со просек од 7,9 поени, 3,9 скока и 2,1 асистенција.
Особено емотивна е разделбата на Далас Маверикс со Двајт Пауел. Искусниот центар помина 12 сезони во клубот и одигра стотици натпревари во дресот на тимот од Тексас. Во кариерата во НБА има просек од 6,5 поени и 4,2 скока по натпревар, а во Далас беше ценет поради професионалноста, пожртвуваноста и придонесот во соблекувалната. Клубот му се заблагодари за долгогодишната посветеност, но одлучи да не го задржи пред почетокот на новата сезона.
Меѓу познатите имиња кои исто така останаа без договор е и Елфрид Пејтон, плејмејкер со долгогодишно искуство во НБА, кој во кариерата настапуваше за повеќе клубови, вклучувајќи ги Орландо, Њу Орлеанс и Њујорк.
Сепак, листата не ја сочинуваат само ветерани. Дел од играчите кои беа отпуштени се млади кошаркари кои сè уште се обидуваат да се наметнат во лигата. За нив, следниот период ќе биде важен во потрагата по нов клуб, двонасочен договор или можност за настап во развојната лига.
Последните кратења на ростерите се вообичаен дел од подготовките за секоја НБА-сезона. Клубовите мора да ги сведат составите на дозволениот број играчи, да ги усогласат тактичките потреби и да направат простор за младите таленти. Но, за кошаркарите кои остануваат без договор, тоа значи дека и по години вложување и докажување мора повторно да бараат можност да се вратат на големата сцена.
Сечата во НБА со нетрпение ја очекуваа и европските клубови кои сега ќе се обидат дополнително да ги засилат своите екипи пред продолжението на сезоната.


