Тренерот на Слобода Тузла, Марко Трбиќ, упати критики кон организацијата на натпреварувањето по бизарниот дуел со ТФТ Скопје во АБА 2 лигата, на кој македонскиот тим настапи со само шест кошаркари и загуби со убедливи 61-106.
Четворицата американски кошаркари на ТФТ не добија право на настап поради административни проблеми со регистрацијата, па македонскиот вицешампион беше принуден да игра значително ослабен.
Трбиќ, и покрај убедливата победа на неговиот тим, не го криеше разочарувањето од ситуацијата и смета дека ваквите случувања не му носат ништо добро на регионалното натпреварување.
„Сами си пукаме во нога. Доаѓаат луѓе, патуваат десет часа, а потоа играат без половина тим. Не знам кои се причините и не сакам да навлегувам во тоа, но ова нема никаква смисла“, изјави тренерот на Слобода.
Тој нагласи дека во такви околности е бесмислено да се анализира кошарката, бидејќи ТФТ практично настапил без поголемиот дел од својата прва петорка.
„Разговорот за кошарка кога една екипа игра без првата петорка нема никаква смисла. Моите играчи си ја завршија работата чесно и достоинствено, но морам да му честитам на ТФТ што собра сили воопшто да излезе на теренот и да го одигра натпреварот до крај“, порача Трбиќ.
Иако Слобода ја започна сезоната во АБА 2 лигата со убедлива победа, тренерот на тимот од Тузла јасно стави до знаење дека случувањата пред натпреварот оставиле поголем впечаток од самиот резултат.


