Лука Дончиќ ја започна новата сезона во НБА-лигата со одлична партија и победа на Лос Анџелес Лејкерс над Голден Стејт Вориорс со 127-105, но натпреварот го одбележа и жестоката вербална пресметка меѓу словенечката ѕвезда и дебитантот Јаксел Лендеборг.
Кошаркарот на Голден Стејт, кој имаше задача да го чува Дончиќ, по натпреварот јавно го критикуваше искусниот плејмејкер. Лендеборг му замери за реакциите кон судиите, обвинувајќи го дека премногу симулира прекршоци и постојано се жали на арбитрите.
„Го изгубив целиот респект за него. Тоа беше ужасно. Имаше многу симулирање, изнудување прекршоци и жалење кај судиите. Навистина интересен прв натпревар за мене“, изјави Лендеборг.
Дебитантот откри дека претходно имал високо мислење за словенечкиот кошаркар, особено поради неговите настапи и импресивните потези што ги гледал на снимки. Сепак, непосредното искуство на теренот целосно му го сменило мислењето.
„Не ја следев премногу НБА лигата, но ги гледав снимките на кои тој постојано ги уништува противниците. Ама, кога го доживеав тоа во живо, со целото негово приговарање и жалење, го изгубив целото почитување за него“, додаде кошаркарот на Голден Стејт.
Лендеборг објасни дека најмногу го изнервирало тоа што Дончиќ постојано реагирал кон судиите, дури и откако ќе добиел прекршок.
„Не станува збор за тоа што му досудија прекршок. Станува збор за тоа што се жалеше во текот на целиот натпревар. Ќе добиеш прекршок и честитки за тоа, но потоа ми се внесуваш во лице како да си направил нешто големо? Ајде, човеку, тоа е бедно. Тоа малку ме исфрли од ритам затоа што толку многу го ценев. Сега тоа го нема“, рече Лендеборг.
Тензиите меѓу двајцата кошаркари се почувствуваа уште во втората четвртина. Дебитантот призна дека му дофрлал на Дончиќ, велејќи му дека не може да постигне кош против него, а поради пцовки добил и техничка грешка.
„Му велев дека е лош. Му кажував: „Само зборуваш, а не можеш да ми дадеш кош“. Тоа му го повторував во текот на целиот натпревар. Ми излетаа и неколку пцовки, па затоа ја добив техничката грешка, но сакав да знае што мислам. Тој се смееше и зборуваше поради тој еден досуден прекршок“, раскажа Лендеборг.
И покрај провокациите, Дончиќ имаше одговор на теренот. Словенецот го заврши натпреварот со 28 поени, осум скока и седум асистенции, а посебно внимание привлече неговата тројка од речиси половина терен со звукот на сирената за крај на првото полувреме.
„Единствениот кош што ми го постигна во директен дуел беше таа тројка од половина терен, со помош на таблата. Знам дека ова е тимски спорт и дека ни постигна 28 поени, но јас лично го сфатив дуелот со него. Се обидував да не правам прекршоци. Дури размислував да го чувам со рацете зад грб, но веројатно и тогаш ќе изнудеше прекршок“, додаде дебитантот.
Лендеборг, кој на својот прв натпревар во НБА постигна 12 поени и имаше три скока, така го привлече вниманието не само со играта во одбраната, туку и со острите зборови кон една од најголемите ѕвезди во лигата.


