Заминувањето на Жељко Обрадовиќ од клупата на Партизан требаше да биде голем удар за белградските „црно-бели“, но досегашните резултати во вечните дерби-пресметки покажуваат поинаква слика. Партизан не само што продолжи да се натпреварува со Црвена Звезда, туку во меѓусебните дуели во Евролигата и регионалната АБА лига почна да ја наметнува својата доминација.
Најновата потврда пристигна синоќа, кога Партизан ја совлада Звезда со 85-82 по продолжение во Евролигата. Беше тоа драматичен дуел во кој „црно-белите“ испуштија висока предност, но во дополнителните пет минути најдоа сили за победа. Карлик Џонс беше клучен со 26 поени, а Партизан ја зголеми предноста во меѓусебните евролигашки дуели на 6-3.
По заминувањето на Обрадовиќ во ноември минатата година, Партизан успеа да ја преземе контролата врз најважните пресметки со градскиот ривал. Во АБА лигата имаше и пораз, но во завршницата од сезоната „црно-белите“ беа подобри во двата полуфинални натпревари и со вкупни 2-0 се пласираа во финалето.
Откако си отиде Обрадовиќ, Партизан и Црвена Звезда одиграа седум меѓусебни натпревари во Евролигата и АБА лигата, а билансот е убедливо на страната на „црно-белите“.
Првата победа во овој период Партизан ја оствари на 12 декември 2025 година, кога во евролигашкото дерби славеше со 79-76. Потоа, на 22 март 2026 година, Звезда го доби дуелот во АБА лигата со 100-96 и тоа е досега единствената победа над најголемиот ривал во овие 11 месеци.
Партизан брзо возврати. На 2 април во Евролигата славеше со 89-82 како гостин, а на 19 април во АБА лигата победи со 81-74. Следуваа и двете полуфинални пресметки во регионалното натпреварување: Партизан прво триумфираше со 100-94, а потоа славеше и на гостувањето со 89-78, со што обезбеди пласман во финалето.
Најновото поглавје од белградското ривалство беше напишано синоќа, кога Партизан во драматичен евролигашки натпревар ја совлада Звезда со 85-82
Така, од седумте дуели одиграни по заминувањето на Обрадовиќ, Партизан има шест победи, а Звезда само една. Следните пресметки ќе покажат дали ова е само успешен период за „црно-белите“ или почеток на подолга промена во односот на силите во Белград.


