Никола Јокиќ ја прослави првата победа на Денвер Нагетс во новата НБА сезона, но по натпреварот испрати остра порака до дел од навивачите на својот тим. Српскиот центар не го криеше незадоволството од свирежите што доаѓаа од трибините додека домаќините се мачеа против Њу Орлеанс Пеликанс.
Денвер славеше со 141-135 по продолжение, иако во еден момент имаше негатива од дури 23 поени. Сепак, начинот на кој се одвиваше натпреварот ги изнервира домашните навивачи, кои во текот на лошото издание на Нагетс, реагираа со свирежи.
Јокиќ не го премолче тоа по средбата. Кога новинарите го прашаа за пресвртот и придонесот на соиграчите, тој се осврна на однесувањето на публиката и испрати јасна порака.
„Прв натпревар на домашен терен, а некои навивачи ни свиркаат. Мислам дека тие навивачи што ни свиркаа не мора повеќе да доаѓаат. Ако нè следите, знаете дека никогаш не се откажуваме и дека сме се враќале и од многу потешки ситуации. Ако ме прашувате мене, тие повеќе не се добредојдени“, порача српскиот ас.
Реакцијата на Јокиќ дојде по натпревар во кој Денвер долго време изгледаше немоќно. Њу Орлеанс имаше предност од 19 поени пред последната четвртина, но домашниот тим одигра фантастични завршни 12 минути, постигнувајќи 37 поени и изборувајќи продолжение.
Јокиќ беше еден од главните двигатели на пресвртот со 35 поени, 15 скока и 10 асистенции, со што го забележа првиот трипл-дабл во сезоната. Џамал Мареј беше најефикасен на натпреварот со 42 поени, додека дебитантот Тревон Бразил постигна 17, од кои седум во продолжението.
За Јокиќ, сепак, победата не беше единствената тема по натпреварот. Трикратниот најкорисен играч во НБА јасно стави до знаење дека очекува поддршка од навивачите и во моментите кога на тимот не му оди според планот.
„Ако се навивачи на Денвер, треба да нè поддржуваат“, беше неговата дополнителна порака.
По два одиграни натпревари во новата сезона, Нагетс имаат биланс од една победа и еден пораз, а на Јокиќ му недостасува еден трипл дабл за да стигне до бројката од 200 во НБА.


