Поранешниот шампион на Македонија, Работнички го задржа стопроцентниот ефект во Суперлигата и по четвртото коло откако вечерва славеше во дербито со МКК Куманово на домашен терен со 70-63.
Исклучително интересниот и драматичен натпревар беше решен во последните минути во кои Работнички подобро се снајде, елиминира некои од недостатоците во играта и заслужено стигна до триумфот. МКК Куманово се закани во финишот, но не успеа да направи пресврт и да го победи Работнички на негов терен.
Иако Работнички подобро отвори и водеше со 9-2 по три минути игра, МКК Куманово брзо се врати во игра и првата четвртина ја заврши со предност од 19-18. Резултатската брканица продолжи и во вториот квартал, домаќинот почесто беше во водство, но и кумановци знаеја да направат серии и да ја преземат предноста.
На седум минути пред крајот Работнички ги достигна највисоките +8 (61-53), но Гуден, кој дотогаш имаше само два постигнати поени, ја врати неизвесноста со две врзани тројки. Последниот обид за враќање на МКК Куманово го направи Мекиќ кој реализира тројка за 63-66, во следниот напад Стајиќ имаше зицер, но не успеа да погоди, па на спротивната страна Ефремовски и Рикиќ ствија точка на мечот.
Рикиќ беше најдобар играч на натпреварот со 17 поени и 11 скока, Елингсворт додаде 13 поени и осум скока, а Ефремовски 12 поени и седум скока. Мекиќ го предводеше МКК Куманово со 18 поени.
Работнички по оваа победа ќе биде осамен на челната позиција на табелата барем до четврток кога МЗТ Скопје го игра својот меч од четвртото коло, на гости кај Струмица.


