Кожув продолжува да собира победи во Суперлигата, откако гевгеличани на домашен терен го совладаа Тиквеш со 90-81.
Домашниот состав мораше да направи пресврт по слабиот втор период, но со одлична одбрана во третата четвртина ја презеде контролата над натпреварот и потоа не дозволи изненадување.
Дуелот во Гевгелија започна со ефикасна кошарка на двете страни. Во воведните десет минути ниту една екипа не успеа да се одлепи, па првата четвртина заврши со идентични 25 поени. Тиквеш ја презеде иницијативата во вториот период, во кој беше поуспешен со 24-21, па на полувремето замина со водство од 49-46.
Клучниот момент се случи по паузата. Кожув ја стегна одбраната и целосно го запре напаѓачкиот ритам на кавадарчани, кои во третата четвртина постигнаа само осум поени. Гевгеличани го искористија падот на гостите, го добија периодот со 17-8 и во последните десет минути влегоа со предност од 63-57. Домаќините продолжија во ист стил и во завршницата. Тројката на младиот Кузманов дополнително ја подигна предноста на Кожув, кој во 35. минута поведе со 75-68. Тиквеш се обиде да остане во игра, но домашниот тим ги контролираше последните минути и го приведе натпреварот до сигурен триумф од 90-81.
Прво име кај победникот беше Армстронг со 24 поени, пет скока и седум асистенции. Бојчев постигна 20 поени, додека Бурис и Симиќ остварија двоен учинок. Бурис заврши со 14 поени и 12 скока, а Симиќ запиша 13 поени, 10 скока и пет асистенции. Кузманов придонесе со 10 поени. Во гостинскиот состав најрасположен беше Смит со 23 поени, седум скока и четири асистенции, додека Сукс додаде 15 поени, шест скока и три асистенции.


