Работнички повторно има свој дом, а враќањето во култната сала во Градски парк засега оди рака под рака со победите. Од март годинава, кога по пауза од шест години повторно заигра пред своите навивачи во реконструираниот објект, скопскиот клуб не знае за пораз на домашен паркет.
Серијата започна на 11 март, кога Работнички го победи Маџари со 97-74, во натпревар што го одбележа Виктор Ефремовски со неверојатни 50 поени. Потоа следуваа уште пет домашни победи до крајот на минатата сезона, а добриот тренд продолжи и во новото првенство.
За време на оваа серија, Работнички ги оствари следните победи:
- Работнички – Маџари 97-74
- Работнички – Ангели 107-67
- Работнички – МКК Куманово 76-72
- Работнички – Феникс 2010 93-83
- Работнички – Чаир 2030 94-83
- Работнички – Ангели 99-84
- Работнички – Тиквеш 86-70
- Работнички – МКК Куманово 70-63
Следен гостин во Градски парк ќе биде амбициозниот Кожув на 8 ноември, а до крајот на годината Работнички ќе ги пречека уште ТФТ и Струмица.


