Серхио Љуљ продолжува да ги поместува границите во шпанската кошарка. Легендарниот бек на Реал Мадрид постави историски рекорд во шпанското првенство, станувајќи кошаркар со најмногу настапи за еден клуб во историјата на АЦБ-лигата.
Љуљ го запиша својот 690. натпревар во дресот на Реал Мадрид, со што го надмина досегашниот рекордер Хуан Карлос Наваро. Легендарниот кошаркар на Барселона во шпанското првенство настапи 689 пати за каталонскиот гигант.
Приказната на Љуљ во Мадрид започна во 2007 година, кога пристигна од Манреса. Речиси две децении подоцна, тој е еден од најзначајните играчи во историјата на „кралскиот клуб“, со кој освои бројни трофеи и постави повеќе индивидуални рекорди.
Ова е уште едно големо достигнување за искусниот шпански кошаркар. Само една недела претходно, Љуљ ја надмина границата од 7.000 поени во АЦБ-лигата во дресот на Реал Мадрид. Тој е најдобар стрелец на клубот во историјата на шпанското првенство, а се наоѓа на врвот и во неколку други статистички категории.
Неговата колекција трофеи е подеднакво импресивна. Со Реал има освоено три титули во Евролигата, а во шпанското првенство деветпати се радувал на шампионската круна во ерата на АЦБ лигата.
На 39-годишна возраст, Љуљ и понатаму е дел од тимот на Реал, па рекордот од 690 натпревари не мора да биде конечен. Речиси нема дилеми дека ќе ја достигне бројката и од 700 со што ќе стане прв играч во историјата со таков подвиг.


