Шарлот Хорнетс ќе му оддаде посебна почит на една од најпрепознатливите фигури во историјата на франшизата од Северна Каролина.
Дресот со број 1 на Тајрон Магзи Богс ќе биде повлечен од употреба на свечена церемонија за време на натпреварот против Милвоки на 11 февруари 2027 година, со што ќе се испише ново поглавје во историјата на франшизата.
Богс е најнискиот кошаркар што некогаш настапувал во НБА-лигата. Висок само 160 сантиметри, тој успеа да изгради долга и успешна кариера во конкуренција на кошаркари кои во просек беа значително повисоки од него. Неговата приказна останува една од најнеобичните во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.
Најголемиот дел од кариерата ја помина токму во Шарлот, каде што настапуваше од 1988 до 1998 година. Во десетте сезони со Хорнетс одигра 632 натпревари, со просек од 8,8 поени, 8,8 асистенции и 1,7 украдени топки по натпревар.
Неговиот придонес не се мереше само преку поените. Богс беше извонреден организатор на нападот, со одличен преглед на играта и способност да ги разигрува соиграчите. И денес е рекордер на Хорнетс според бројот на асистенции, украдени топки и минути поминати на паркетот.
Во сезоната 1989/90 имаше просек од 10,7 асистенции по натпревар, што и понатаму претставува најдобар сезонски просек во историјата на Хорнетс. Тој беше дел од генерацијата што помогна клубот да стане конкурентен во НБА, со повеќе пласмани во плејофот и историска прва победа во една плејоф-серија во 1993 година.
Богс настапуваше во НБА 14 сезони, играјќи и за Вашингтон Булетс (сега Визардс), Голден Стејт Вориорс и Торонто Репторс. Кариерата ја заврши во 2001 година, но неговото име остана тесно поврзано со Шарлот и со периодот кога Хорнетс станаа еден од најпрепознатливите клубови во лигата.
Со оваа одлука, Богс ќе им се придружи на Боби Филс и Дел Кари, чии дресови со броевите 13 и 30 се единствените повлечени од употреба во Шарлот. Бројот 1 ќе биде подигнат под сводовите на „Спектрум центар“, како признание за играчот кој покажа дека висината не мора да биде пречка за успехот во кошарката.
Интересно е тоа што одлуката за повлекување на бројот 1 во чест на Магзи Богс доаѓа дури 26 години откако тој ја заврши својата играчка кариера.


